Почина писателот Радован П. Цветковски


По кратко боледување, на 92 години вчера почина писателот Радован П. Цветковски, поет, раскажувач, литературен критичар, есеист, писател за деца и млади и фолклорист, соопшти Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Цветковски, роден на 3 септември 1931 година во Сопотница, Демир Хисар, покрај во ДПМ членуваше и во Македонското научно друштво Битола, Друштвото на фолклористи на Македонија и на Управниот одбор на списанието „Современост“.

Делата на Цветковски се застапени во повеќе антологии. Добитник е на неколку значајни награди и признанија, меѓу кои и на „Книжевен жезол“ на ДПМ за 2019 година.

Ги објавил поетските книги: „Моето поднебје“, „Кругови од лузни“, „Камен и небо“, „Бели несоници“, „Дедо ми во балканските војни“, „Кога ѕвездите кон небо паѓаа“, „Јазли на душата“, „Корени од прагот“, „Даги“, „Прекршено време“, „Сонето пратчувство“ и „Навите“, поетските избори: Врати во пејсажот, „Аманети“, „Распетие наше“, прозните дела  „Ангелот и клучот“ и „Блиску до умот“, прозата за деца и млади: „Смокот пештерски“, „Рашко“, „Приказни од лозје“, критики и студии: „Видувања“, „Отаде и одавде времето“.

Автор е и на фолклористичките дела „Македонски народни пословици““, „Сказанија демирхисарски“, „Демирхисарски и други сказанија“ и на делата од областа на дијалектологијата и лексикографијата: „Студија за демирхисарскиот говор“, „ Речник на демирхисарскиот говор“.

ДПМ соопшти дека погребот на Цветковски ќе биде извршен денеска во 12 часот на градските гробишта во Битола.