Почина писателот Миле Неделкоски


Во 85-тата година од животот вчера почина писателот Миле Неделкоски – поет, романсиер, раскажувач, драматург, соопшти Друштвото на писателите на Македонија во кое Неделковски членувал од 1963 година.

Роден е на 25 ноември 1935 година во Прилеп. Од 1963 до 2009 ги објавил збирките поезија: „Срцето од злато“;  „Јужно лето“; поемата „Улавиот од Преспа“; „Еретикон–Еротикон“; „Недела, ден за каење“; „Битпазар – стилски вежби, ете…“;  поемата „Заточеници“; Огледало на сенките“; „Секогаш иста“; „Задушница за престапните“ и „Палимпсест“, романите: „Пепелаши“; „Трненки“; „Пандур“; „Потковица на смртта и надежта“; „Петрафил за вечната земја“; „Подгревање на вчерашниот ручек“; „Создателот и старата емигрантка – продавачка на разни плодови“;  „Празникот на светите маченици“;  „Јавна кривична пријава“; „Постела на сенките“ – роман во три дела;  „Пределот со две годишни времиња“; „ Другиот ден“ и „Ланскиот снег“.

Како што соопшти ДПМ, Неделкоски е автор и на драмските текстови: „Триумфот на Тројанскиот коњ“ (драма во стихови, 1974); „Враќање во арената на стариот прославен, заслужен и ислужен кловн“ и „Пропаста на Олимп“ (стихувани драми, 1983), „Прозорец што гледа на улица“, „Преспански круг со црвена боја“ и „На крепоста чувари“ (1985).

Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ и „Рациново признание“.