Почина Пеги Липтон, ѕвезда на серијата „Twin Peaks“


Една од главните ѕвезди на серијата „Twin Peaks“, искусната актерка Пеги Липтон почина утрово на 72-годишна возраст. Липтон подолго време боледуваше од рак и нејзините последни мигови ги помина заедно со нејзините ќерки Рашида и Кидада.

„Срцето ни е скршено и со голема жал ја соопштуваме веста дека нашата мајка денеска почина од рак. Таа почина мирно, а покрај неа беше најблиското семејство. Среќни сме поради секој момент што го поминавме со неа“, пишуваше во соопштението на нејзиното семејство.

Пеги Липтон беше родена на 30 август 1946 година, а на само 15 години почна да ги прави првите чекори во кариерата како модел. Веќе на 19 години беше забележана од неколку модни агенции, но и од телевизиската индустрија, по што се појави во серии како „The John Forsythe Show“, „Bewitched“ и „The Mod Squad“, за која доби и Златен Глобус.

Она што ѝ ја донесе големата слава е нејзиното појавување во улогата на Норма Џенингс од култната телевизиска серија „Twin Peaks“ на режисерот и сценарист Дејвид Линч. Таа за првпат глумеше во серијата во 90-тите, но се појави и во третата сезона, која излезе во 2017 година.

Пеги Липтон во улогата на Норма Џенингс („Twin Peaks“)

Липтон беше во брак со славниот музички продуцент Квинси Џонс од 1974 до 1989 година, со кого ги доби двете ќерки Рашида и Кидада.