Почина Палестинецот што штрајкуваше 87 дена со глад во израелски затвор


Хадер Аднан, член на палестинската милитантна група Исламски џихад обвинет од Израел за тероризам, почина по 87 дена штрајк со глад, соопштија затворските власти. Израел соопшти дека „Аднан одбил да се подложи на медицински тестови и да добие медицински третман“ и дека бил „пронајден во несвест во својата ќелија“ рано утрово.

Израелските затворски власти соопштија дека тој бил однесен во болница по неуспешните напори за реанимација и бил прогласен за мртов. Адвокатот на Аднан ги обвини израелските власти за медицинска негрижа. „Триесет и шест дена по неговото апсење, побаравме да биде префрлен во цивилна болница каде што ќе може соодветно да се следи.

„За жал, тоа барање беше дочекано со непопустливост и отфрлање од страна на израелските затворски власти“, изјави адвокатот Џамил ал-Катиб за Ројтерс. Набргу по објавувањето на смртта на Аднан, се огласија сирените на границата на Израел со Газа, а жителите побегнаа во засолништата.

Израелската војска соопшти дека три ракети биле истрелани од Појасот Газа кон израелска територија, но дека тие паднале на отворени области.

„Нашата борба продолжува и непријателот уште еднаш ќе сфати дека неговите злосторства нема да останат без одговор. Отпорот ќе продолжи со сета своја сила и одлучност“, се вели во соопштението на палестинскиот исламски џихад.

Аднан (45), по потекло од окупираниот град Џенин, бил добро позната личност на Исламскиот џихад на Западниот Брег, кој Израел го окупирал во војната во 1967 година. Како и исламистичкиот Хамас, Исламскиот џихад се противи на мировните договори меѓу Палестинците и Израел и се залага за уништување на Израел.

Според Здружението на палестински затвореници, Аднан бил приведен 12 пати од израелските власти. Тој помина околу осум години во затвор, главно во административен притвор. Израел го обвини Аднан за поддршка на тероризмот, здружување со терористичка група и поттикнување бунт. Тој од 2004 година штрајкуваше со глад најмалку пет пати.