Почина Дејвид Линч, режисер на култната серија „Твин Пикс“


Познатиот режисер Дејвид Линч почина на 78-годишна возраст, објави неговото семејство.

„Со длабока тага ние, неговото семејство, ја објавуваме смртта на човекот и уметник Дејвид Линч. Би ценеле одредена приватност во овој момент“, се вели во пораката на Фејсбук.

Линч, кој овој понеделник, на 20 јануари, ќе наполнеше 79 години, беше најпознат по создавањето на ТВ серијата „Твин Пикс“ од 1990 година. Серијата го создаде и долгометражниот филм „Твин Пикс: Огну, оди со мене“ во 1992 година. Тој беше познат по неговиот специфичен стил кој почна да се опишува како „Линчијански“.

По години поминати како сликар и автор на кратки анимирани и играни филмови, Дејвид Линч се појави на сцената со своето деби во игран филм во 1977 година, „Глава за бришење“, хорор филм со примеси на црн хумор кој стана култен филм на полноќните проекции. Неговиот неконвенционален и бескомпромисен стил брзо го привлече вниманието на холивудската и меѓународната филмска сцена.

Неговата драма од 1980  „Човек слон“ беше номинирана за дури осум оскари, а самиот Линч четири пати беше номиниран низ кариерата, но ниту еднаш не успеа да го освои. Во 2019 доби почесен Оскар. Во 1990 ја освои Златната палма во Кан за „Диви во срцето“.

Телевизиската серија „Твин Пикс“ и филмовите како „Син сомот“, „Изгубениот автопат“ и „Булеварот на ѕвездите“ комбинираа елементи на хорор, филм ноар, крими мистерија и класичен европски надреализам. Линч раскажуваше приказни, не толку различни од Луис Буњуел, кои ја следеа нивната сопствена непробојна логика, пишува „Вараети“.

Дејвид Линч пред само неколку месеци откри дека му бил дијагностициран емфизем, хронично заболување на белите дробови, поради „долгите години пушење“. Холивудскиот режисер на хит серијата „Твин Пикс“ изјави дека и покрај дијагнозата, тој е во „одлична форма“ и дека „никогаш нема да се повлече“.