Почина Оливија Њутн-Џон, славната пеjачка и ѕвезда на култниот филм „Брилјантин“

Оливија Њутн-Џон почина на 73-годишна возраст во својот дом во Јужна Калифорнија, по долго и тешко боледување. Тажната вест ја потврди нејзиниот неутешен сопруг


 

Британско-австралиската актерка и пејачка и ѕвезда на култниот филм „Брилјантин“ Оливија Њутн-Џон почина на 73-годишна возраст, по долго и тешко боледување.

Оливија починала мирно на својот ранч во Јужна Калифорнија, опкружена со семејството и пријателите, а тажната вест ја потврдил нејзиниот сопруг Џон Истерлинг.

„Оливија Њутн-Џон (73) почина мирно утрово на својот ранч во Јужна Калифорнија, опкружена со семејството и пријателите. Бараме сите да ја почитуваат приватноста на семејството во овој многу тежок период. Оливија беше симбол на триумфот и надежта повеќе од 30 години, споделувајќи го своето патување во борбата против ракот на дојката. Нејзината исцелителна инспирација и пионерско искуство со хербалната медицина продолжува со Фондацијата Оливија Њутн-Џон, посветена на хербалната медицина и истражувањето на ракот“, напиша Џон на својот Фејсбук профил.

Семејството побара наместо цвеќе, да се донираат средства на нејзината фондација за рак, Фондацијата Оливија Њутн-Џон. Покрај сопругот Џон, зад себе ги остави и 36-годишната ќерка Клои Латанзи, како и браќа и сестри.

Оливија беше голем секс симбол во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Ваквиот статус, но и слава ѝ ги донесе улогата во култниот мјузикл „Брилјантин“ во кој ја глумеше слатката Сенди Олсон, која станува злобна заводничка заради згодниот Дени Зука, кој го игра Џон Траволта.

 

Таа е позната и по својот хит „Физикал“ од 1981 година, кој три децении подоцна беше прогласен за најсекси песна на сите времиња од страна на магазинот „Билборд“, а е придружена со подеднакво секси спот.

Нејзината тешка болест првпат била дијагностицирана во 1992 година, а се вратила во 2013 и 2017 година.

„Болката понекогаш е неподнослива“, нагласи таа неколку пати. „Не знам уште колку време ми преостанува, но морам да уживам во животот. Ќе јадам бисквит ако ми се допаѓа. Ќе пијам шолја чај ако сакам или чаша вино затоа што уживањето во животот е дел од процесот на заздравување“, рече Њутн-Џон во септември во 2018 година.

Иако водеше тешка битка речиси 30 години, тоа не се гледаше на неа, беше насмеана во сите прилики, а часовите по танц на кои редовно одеше со својата ќерка ѝ помогнаа да остане во одлична форма.