Почина новинарот Димитар Ќуркчиев


 

Димитар Ќуркчиев, долгогодишен новинар во изданијата на НИП „Нова Македонија“, почина денеска, 6 декември, соопшти неговото семејство.

Познат во новинарските кругови по препознатливото име за него „Ќурчија“, тој со децении беше дел од оној, условно речено, „забавен“ дел во „Нова Македонија“, кога стана член на првата редакција на незаборавниот неделник „Екран“, кој направи вистински бум во тогашниот свет на ревијалните магазини. Незаобиколен дел од филмските и театарските случувања во Македонија, Ќуркчиев беше секаде каде што мораше (а и не мораше) да се биде.

Во 1980-тите и 1990-тите беше важна алка во големата Дописна рубрика на „Нова Македонија“, давајќи огромен придонес за клучното место што тогаш го имаше весникот во Македонија. Потоа беше и на други уреднички позиции во „Нова Македонија“.

Пред само неколку дена одржа пригодно обраќање на изложбата „Точки на интерес“ на фотографии од фоторепортерот и дојаен на македонската фотографија Живко Јаневски (1940-2000) во Културно информативниот центар во Скопје. Оние што работеа пред триесетина години во „Нова Македонија“ се сеќаваат дека Јаневски и Ќуркчиев беа легендарни ривали во шах, користејќи важен дел од слободното време да покажат кој е подобар во тој ден. 

Димитар Ќуркчиев остана активен до последен ден преку социјалните мрежи коментирајќи ги не само актуелните случувања, туку и ситуацијата во новинарството.