Познатиот неврохирург Јовица Угриновски почина на 77 години


 
По долго боледување, денеска на 77 години почина неврохирургот д-р Јовица Угриновски, соопштија од болницата „Неуромедика“. 
 
„Со огромна жалост сакаме да ве известиме дека утрово на 77-годишна возраст по тешко боледување почина нашиот ценет и почитуван проф. д-р Јовица Угриновски.
 
Проф. Д-р Јовица Угриновски беше основач и претседател на Управниот одбор на ‘Неуромедика’. Менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работењето“, додаваат од таму.
 
Јовица Угриновски беше едно од напознатите лекарски имиња во Македонија. Извонреден неврохирург, со чија работа и професионализам македонската неврохирургија го зачекори патот кој ѝ донесе многу пофалби и развој. Угриновски можеби најмногу стана познат кога само неколку часа по атентатот на Киро Глигоров во 1995 година изведе неверојатно сложена операција која не само што го спаси животот на поранешниот претседател, туку и го врати во неговиот секојдневен живот, иако со видливи последици на неговата глава.
 
Специјализираше неврохирургија уште во 1975 година, а потоа беше на дообразување во неговата струка во повеќе европски градови. Поголемиот дел од својата професионална кариера го помина во Клиничкиот центар во Скопје, а едно време беше дел од тимот на „Аџибадем Систина“.
 
Јовица Угриновски беше извонреден педагог и пренесувач на знаењата на помладите генерации и заедно со уште неколкумина негови колеги го трасираа патот за големи дострели во оваа медицинска област.
 
Угриновски беше познат и како неуморен планинар, кој голем дел од слободното време ѝ го посвети на природата и на планинските врвови.