Почина мотоциклист кај Ваташа


Во три одделни сообраќајни несрежи во неделата, загина еден мотоциклист, еден е повреден, а со повреди се здобила и сопатничка во возило кое излетало од коловозот. 

Во неделата, во 12.20 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци – Моклиште, на излез од село Ваташа, кавадаречко, мотоцикл ,,хамачи” со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Л.С.(48) село Ваташа, излетал од коловозот.  Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во болницата во Кавадарци, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде што подоцна починал. Увид на местото извршиле увидна екипа од ОВР Кавадарци и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.    

Истиот ден, во 14.30 часот во Полициската станица Крушево било пријавено дека во с.Норово, крушевско, М.Б.(23) од с.Норово, управувајќи мотоцикл без регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Крушево. 

Во 16.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на  автопатот Скопје-Велес, патничко моторно возило „опел мерива“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(70) од Скопје, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката В.К.(61) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.