Почина Мира Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ


Вдовицата на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и поранешна претседателка на политичката партија Југословенска левица, Мирјана Марковиќ почина денеска на седумдесет и седумгодишна возраст, јавуваат српските медиуми, но официјална потврда се уште нема.

Според неофицијалните информации, Марковиќ починала во Русија околу 15 часот по средноевропско време. Според српските медиуми таа имала четири операции во болница во Сочи.

Апелацискиот суд во Белград неодамна ја укина првостепената пресуда со која во јуни минатата година Марковиќ беше осудена на една година затвор бидејќи во 2000-та година влијаела на владината комисија незаконски да и додели државен стан на дадилката на нејзниот внук. Судењето беше вратено на почеток. Првостепената пресуда била донесена по скоро 15 години од почетокот на кривичната постапка и по одржани повеќе од сто рочишта. На Марковиќ и се судеше во отсуство бидејќи беше недостапна за судските органи во Србија и од 2005 година се бараше со меѓународна потерница.