Почина Мино Рајола, најпознатиот фудбалски менаџер, веста ја соопшти неговото семејство


Мино Рајола почина на 55-годишна возраст, објави неговото семејство на својот официјален профил на Инстаграм.

Рајола беше менаџер на многу планетарно популарни фудбалери, од Златан Ибрахимовиќ до Пол Погба, Марко Верати до Ерлинг Браут Халанд и Матијс де Лигт.

Во семејната порака се вели:
„Мино се бореше до крај со истата сила што ја стави на преговарачките маси кога ги претставуваше нашите играчи. Како и обично, Мино нè направи горди и никогаш не го сфати тоа. Делото на Мино допре многу животи и напиша ново поглавје во историјата на модерноста“. Ќе ни недостасува засекогаш. Мисијата на Мино да го направи фудбалот подобро место за играчите ќе продолжи со истата страст. Им благодариме на сите за огромната поддршка што ја добивме во овие тешки моменти и се молиме за почитување на приватноста на семејството и пријателите во ова време на тага“, соопшти неговото семејство.
Рајола е роден на 4 ноември 1967 година во јужна Италија, а кога имал само една година, неговите родители се преселиле во Холандија, во градот Харлем. Таму играше фудбал до својата 18 година, кога престана и набргу потоа заплови во менаџерските води.

Во раните 1990-ти, како вработен во Sports Promotions, тој посредуваше во трансферите на неколку познати холандски фудбалери во италијански клубови (Брајан Рој, Марчијано Винк, Вим Јонк, Денис Бергкамп, Мишел Крик).
Откако сам реши да отвори менаџерска агенција, првиот голем трансфер му беше трансферот на Павел Недвед од Спарта Прага во Лацио.

Рајола доживеа вистински подем кон врвот на светскиот фудбал, како што и самиот велеше, соработувајќи со Златан Ибрахимовиќ. Додека Ибра играше за Ајакс, тој често ја посетуваше неговата пицерија во Амстердам и таму се роди пријателство кое подоцна прерасна во соработка што ја отвори вратата за Рајоли на многу играчи од светска класа.

Рајола беше познат како исклучително тежок преговарач. Знаеше да извлече максимум од сите трансфери и за играчите и за себе. Затоа играчите го обожаваа, додека не беше најпосакуваната личност меѓу клупските челници токму поради таа причина.

Пред два дена многу светски познати медиуми објавија вест за негова смрт која се покажа како лажна, и која тој самиот ја демантираше.