Почина министер од Кoвид-19 во БиХ


Министерот за прашања на борците и инвалидите во Владата на Федерацијата на БиХ, Салко Букваревиќ почина денеска на Клиниката за пулмологија во Сараево, објави порталот Klix.ba.

Тој десетина дена бил хоспитализиран откако му се влошила здравствената состојба и тестирањето покажало дека е позитивен на Ковид-19.

Здравствената состојба на Букваревиќ се влошила во понеделникот, а претходните денови бил на терапија со кислород, но тоа не било доволно поради силното воспаление на двете белодробни крила.

Поради тоа вчера попладне бил приклучен на респираторна машина.

На Букваревиќ на 22 јули му беше потврден позитивен резултат на тестот на корона вирус.

Функцијата министер за прашања на борците и инвалидите во Владата на Федерацијата на БиХ ја извршувал од 2015 година.