Почина Марина Туцаковиќ, текстописец на бројни музички хитови


Марина Туцаковиќ, почина по тешко боледување на 67-годишна возраст.
 
Таа беше еден од најпознатите текстописци во регионот. Напиша бројни хитови со најголемите sвезди од музичката сцена на поранешна Југославија.
 

Нејзиниот живот го одбележаа бројни среќни, но и болни моменти, како смртта на еден од синовите. Беше во брак со Александар Фута Радуловиќ.

Тие двајца го имаат синот Милан, а нивниот втор син Милош ненадејно почина во 2008 година. Неговото безживотно тело во домот на семејството Радуловиќ го пронашла неговата тогашна девојка Саша. Марина никогаш не се опорави целосно од тоа.

На почетокот на 2018 година, и беше дијагностициран малигнен тумор на дојката, по што наскоро беше оперирана, а нејзините колеги и испратија бројни пораки за поддршка.

Српските медиуми пред неколку дена информираа дека Туцаковиќ и нејзиниот сопруг се заразени со Ковид-19.

За време на нејзината долга кариера, Марина напиша неколку илјади песни за познати пејачи и на тој начин им помогна да изградат одлични кариери.

Некои од најпознатите пејачи на кои им напиша песни се Здравко Чолиќ, Тоше Проески, Индира Радиќ, Светлана Ражнатовиќ, Северина, Нина Бадриќ, Неда Украден, Аца Лукас, Ана Николиќ и многу други.

Туцаковиќ својата кариера ја почна на 19-годишна возраст, а првата нејзина песна ја напиша за групата Зана.