Почина големата македонска актерка Сабина Ајрула Тозија

Денеска на возраст од 75 години, по тешко боледување, почина македонската глумица Сабина Ајрула Тозија.
Таа беше маркантен лик на македонската театарска и филмска сцена. Препознатлива по својот актерски физикус, вонредниот талент и работа посебни во секоја улога, таа создавала и создава редица ролји по кои ја препознава публиката.
Посветеноста кон секоја ролја, без разлика од обемот на работа, естетската специфика при градењето на ликот, ефикасноста на совладување и на најтешките актерски задачи, создаваат од Сабина Ајрула актерка која ја сакаат и соработниците и публиката.
Во своето долгогодишно искуство соработувала со повеќето реномирани македонски и странски режисери.
Во кариерата долга над половина век, Ајрула одигра повеќе улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и во речиси сите театри низ земјава, од Македонскиот народен театар, Турскиот театар, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Народниот театар од Куманово, Театарот за деца и младинци – Скопје до независни поставки.
Постарите ја паметат по улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“, телевизиска серија на Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски снимена во 1985 година. Помладите генерации пак, ја запознаа Ајрула-Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“, снимена по истоимената книга на писателката Оливера Николова.
Ајрула играше и во повеќе македонски филмови меѓу кои и во „Исправи се Делфина“ „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јужна патека“, „Полноќно сонце“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Контакт“,„Сенки“, како и ТВ-сериите „Илинден“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, „Трето доба“, „Салон Хармони“.
Последните години Ајрула Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афи¬фе Ха¬тун во популарната турска серија Сулејман Величествениот, таа играше и други улоги на тамошната сцена. Меѓу последните беше ТВ серијата Ескија каде го играше ликот на Хајрије Чакирбејли.