Почина легендата на хрватската и југословенската кошарка Петар Сканси


Во понеделникот на 78-годишна возраст почина Петар Сканси, кошаркар и тренер кој остана запаметен како селектор на хрватската кошаркарска репрезентација, која на Олимписките игри во Барселона во 1992 година го освои сребрениот медал.

Во раната младост Сканси најпрвин играл ватерполо во сплитски Јадран, а дури подоцна почнал да тренира кошарка. Во својата кариера два пати играл за Југопластика и за италијанскиот Скаволини Пезаро.

Со репрезентацијата на Југославија освои сребро на Олимписките игри во 1968 година, злато на СП 1970 година во Југославија, сребро на СП 1967 година во Мексико и сребро на ЕП 1965 година во СССР.

Својата тренерска кариера ја започна по завршување на играчката кариера, во Југопластика. Долго време ги водеше италијанските клубови како Скаволини, Фабриано Баскет, Венеција, Виртус, Тревизо и Фортитудо. Со Тревизо во 1992 година ја освои титулата шампион на Италија.

Ја водеше Хрватска во олимпиското финале против Дрим тимот во 1992 година.

Тој беше и помошник министер за наука, образование и спорт.