На 66 години почина легендарната актерка Мира Фурлан


САД –  Познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан почина на 66-годишна возраст, објавено е на нејзиниот профил на Твитер.

Таа починала во средата, 20 јануари, но информацијата беше објавена денеска.

Веста ја потврди и нејзиниот пријател, авторот на американската научно-фантастична серија „Вавилон 5“, Мајкл Страчински, во која Фурлан ја играше амбасадорката Минбари Делен.

„Ноќ на голема тага, бидејќи нашата пријателка и другарка тргна по патот каде не можеме да ја достигнеме. Но, како и за сите нешта, со време ќе ја стигнеме и верувам дека таа ќе има многу приказни и многу нови улоги што ќе ги сподели со вселената”, објави Страчински.

Една од најпопуларните југословенски актерки од Хрватска и секс-симбол во 80-тите Мира Фурлан емигрираше во САД во 90-тите. Во ново интервју лани за српскиот RTV се осврна за алармантната состојба во САД .

Фурлан ланската година ја помина во самоизолација во Лос Анџелес каде живееше и работеше во филмското училиште. Беше во брак со српскиот режисер Горан Гаиќ. Откри дека пандемијата во САД се претворила во политички проблем кој ја поделил земјата.

„Нема контрола, републиканците отвараат, демократите затвараат. А Трамп? Не вреди да се разговара за него. Луѓето се занимаваат со неговите твитови, а многу лоши работи се кријат зад завесата, на лудилото му нема крај“, раскажа таа лани.

Велеше дека влијанието на пандемијата е силно кај луѓето кои сѐ повеќе се оддалечуваат.

„Вирусот многу нѐ промени.Го чувствувам тоа. Се плашиме од близината на другите. Не само по бојата, полот и нацијата, туку како човек од човек“.

Иако паузирала од предавањата заради карантинот, ги продолжила онлајн, со помош на апликацијата Зум која и прави потешкотии.

„Се плашам од чувството на екранот во исто време да имате 15 лица кои секој си прави нешто свое. Но се надевам на најдоброто“, велеше Фурлан која се приклучила на експериментот на Здружението на американските режисери, со цел како ќе изгледа филмската индустрија по короната, како и што се треба да се направи за да функционира.

„Беше тоа еден ден на снимање со целосна заштитна опрема. Прашање е како се да се контролира и дисциплинира“, велеше Фурлан.

Фурлан играше во славните филмови како „Otac na službenom putu” на Кустурица, „U raljama života”  и во  „Za sreću je potrebno troje” на Рајко Грлиќ,  како и во ТВ сериите „Velo misto”, „Nepokoreni grad” и „Vučjak”. Во САД е позната по улогите во сериите  „Изгубени” и „Вавилон 5”.

Со сопругот и синот Марк Лав во 90-тите во Лос Анџелес

Славната актерка пред пет години беше меѓу главните гости и почесни членови на главното меѓународно жири на новиот филмски фестивал „Киненова Скопје“, што се одржа во октомври, на повеќе локации во Скопје.