Почина Кирил Дојчиновски, легенда на македонскиот фудбал


На 78-годишна возраст почина Кирил Дојчиновски, еден од најголемите фудбалери во историјата на македонскиот фудбал, објави ФФМ на својот фејсбук-профил.

Македонскиот, но и светскиот фудбал останаа без легендарното име кои во својата играчка и тренерска кариера ќе остане запаметен како еден од најдобрите на овие простори.

Дојчиновски засекогаш ќе остане запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој бил дел од Светските фудбалски првенства. Тој беше дел од Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, тогаш како фудбалер на белградска Црвена ѕвезда.

Своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде како тренер и ја заврши својата кариера. Играше за Црвена ѕвезда и француските Троја и Париз. Како тренер работеше во Ел Салвадор, каде што беше и селектор, а ги предводеше и Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница (Ш), Брегалница (Д) и неколку тима од Ел Салвадор.