Почина Јован Андонов – Реган, потпретседател на првата експертска влада


По тешко боледување во Скопје на 80-годишна возраст почина Јован Андонов – Реган,  стопанственик и потпретседател на првата експертска влада на Република Македонија.

Андонов е роден на 15 август 1940 година во Пехчево. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1963 година. Андонов работел на повеќе раководни места, меѓу кои „Рудници и железарница“ во Скопје, „Хемтекс“ во Скопје, „ОХИС“ во Скопје, „ФЕНИ“ во Кавадарци, РЕК Битола, „ГЕС“ во Гостивар и многу други.

Негов најголем придонес е рестартирањето на РЕК Битола кога за рекордно брзо време, за помалку од една година го доведе во нормала работењето на комбинатот, по уривањето на филтерот и косиот мост во 1989 година.

Добитник е на наградата „11 Октомври“ за патентиран пронајдок од областа на електрониката.

Андонов беше потпретседател на првата експертска влада на Република Македонија во 1991 година, предводена од Никола Кљусев.

Јован Андонов – Реган ќе биде погребан утре на гробиштата Бутел во Скопје.