Почина Изабел Толедо, омилената дизајнерка на Мишел Обама


САД– На 59 годишна возраст почина модната дизајнерка Изабел Толедо, стилистка со кубанско потекло, која живееше и работеше во Њујорк. Првата модна колекција ја презентираше во 1985 година.

Веста за смртта на Толедо ја објави нејзината модна куќа. Модната креаторка била болна од рак на гради. Кариерата ја започна со Фјоручи и Бергдоф Гудман, а од 1985 година продолжи да дизајнира под сопствената модна марка.

За презентирање на колекциите најчесто ги одбираше музеите. Беше многу почитувана од другите дизајнери, и обожувана од ѕвездите, како Дебра Месинг и Деми Мур. Во 2005 година ја доби престижната национална награда Cooper Hewitt за креативност. Ќе останат запаметени зборовите на израелскиот дизајнер Албер Елбаз – „Сите крадат од Изабел“.

Меѓу другите славни имиња, нејзин чест клиент беше поранешната прва дама на САД, Мишел Обама. И на инаугурацијата на сопругот Барак Обама, во 2009 година, Мишел носеше креација дизајнирана од Изабел Толедо.

-Не сум модна личност, рече Толедо за CNN во 2012., наместо тоа таа се нарекуваше себеси инженер.

Толедо се преселила во Њујорк од Куба уште како тинејџерка, а почнала да шие со само осум години. Се школувала за моден дизајнер на Fashion Institute of Technology, а потоа и на Parsons School of Design, пред да почне да стажира кај модната уредничка Дајана Вриленд.