Почина Иван Рајтман, режисерот на „Истерувачи на духови“ и „Близнаци“


САД– Иван Рајтман, влијателниот режисер и продуцент на некои од најомилените комедии од крајот на 20. век, меѓу кои и „Истерувачи на духови“, почина на 75 години. Тој пораснал во Канада откако неговото семејство избегало од комунистичкиот режим во Чехословачка и таму учел за правење филмови.

Познат по сочните комедии кои успешно го доловуваа духот на времето, Рајтман се проби во 1978 како продуцент на „National Lampoon’s Animal House“, а потоа сними неколку филма со Бил Мареј. Неговиот најзначаен успех дојде во 1984 со „Истерувачи на духови“.

Филмот не само што заработи речиси 300 милиони долари, туку доби две номинации за оскар и се претвори во серијал, чиј последен дел „Истерувачи на духови: Наследство“ го сними неговиот син Џејсон минатата година.

Во 1990-ите, Рајтман сними три комедии со Арнолд Шварценегер, „Полицаецот од градинка“, „Џуниор“ и „Близнаци“, чие продолжение „Тројка“ беше во најава. Единствената номинација за оскар ја доби во 2010 како продуцент на „Горе во воздухот“.