Почина Ирфан Кан, ѕвездата на оскаровците „Slumdog Millionaire и „Life of Pi“


Индија- Индискиот актер со холивудска кариера Ирфан Кан,ѕвездата на филмовите што добија Оскар, меѓу кои е и „Slumdog Millionaire и „Life of Pi“, почина на 53-годишна возраст.

Тој вчера бил примен во болница во Мумбаи со инфекција на дебелото црево, но се вели дека неговата состојба се влошила.

Како што јави Би-би-си, последните информации говорат дека тој бил примен в болница со инфекција на дебелото црево, како последица од ракот.

Во изјавата на неговите претставници се вели: „ Ирфан беше силна душа, некој кој се бореше до самиот крај и секогаш ги инспирираше сите што беа блиски до него“.

Кан бил лекуван од карцином во 2019 година во Лондон, откако во 2018 му бил дијагностициран ендокрин тумор – ретка болест поврзана со хормоните и крвта.

Неговата смрт доаѓа само неколку дена откако неговата мајка Саида Бегум почина на 95-годишна возраст. Тој присуствуваше на нејзиниот погреб во саботата преку видео-врска.

Кан, честопати познат во Индија едноставно со првото име Ирфан, прво започнал да глуми во телевизија, откако се преселил во Мумбаи од Њу Делхи, каде студирал во Националното училиште за драма.

Тој го имаше своето деби на големите екрани во филмот номиниран за Оскар „ Salaam Bombay  “ во 1988 година, а глумеше и во мноштво хитови во Боливуд.

Кан доби меѓународно признание откако се појави во филмот „ The Warrior “ на Асиф Кападија, пред да глуми во филмовите „ Slumdog Millionaire  “ на Дени Бојл и „ The Darjeeling Limited“ на Вес Андерсон.

Тој го играше возрасниот Пицине Пил Пател во Life of Pi, добитник на Оскар, на Анг Ли, а исто така се појави и во „The Amazing Spider-Man“ и „Jurassic World“.

Зад себе ја остави сопругата Сутапа Сикдар и нивните двајца сина, Бабил и Ајан.