Почина Христос Сарѕетакис, поранешен грчки претседател и еден од јунаците од филмот „З“


Христос Сарѕетакис имаше 92 години

 

Поранешниот грчки претседател Христос Сарѕетакис почина во четвртокот рано наутро во болница во Атина. Тој имаше 92 години.

Сарѕетакис од 4 декември се лекуваше од пневмонија на одделот за интензивна нега, откако разви акутна респираторна инсуфициенција.

Роден е во 1929 година во Солун. Неговиот татко бил полициски службеник од Ханија, Крит, додека неговата мајка била од Лерин, северна Грција. Студираше право на Аристотеловиот универзитет во Солун.

Во 1963 година стана широко познат кога како судија во Солун ја водеше истрагата за убиството на левичарскиот пратеник во парламентот Григорис Ламбракис од страна на двајца десничарски екстремисти. Убиството предизвика масовни протести и доведе до политичка криза во Грција. Сарѕетакис претседаваше со случајот и помогна да се реши, и покрај притисокот од тогашното десничарско политичко и судско раководство за прикривање на злосторството.

Неговата улога и настаните околу случајот беа овековечени во филмот „З“ на режисерот Коста Гаврас.

Во 1968 година, во времето на воената диктатура, бил избркан од судството, уапсен, мачен и затворен речиси една година без судење. Со падот на диктатурата тој повторно беше вратен во судството.

Тој беше избран за претседател на Грција во 1985 година, наследувајќи го Константин Караманлис.