Почина Хилда Кондовска, водечка новинарка од областа на културата


 

На 81-годишна возраст почина Хилдегард – Хилда Кондовска, едно од најпрепознатливите лица на Телевизија Скопје, а потоа МТВ. Нејзините прилози за разни настани, случувања и проблеми во културата се останати во сеќавањата на постарите граѓани на Македонија, затоа што таа имаше голема моќ и знаење да ги пренесе нив во пошироката јавност.

Таа беше новинар од првите генерации на МТВ. Кариерата ја започна уште во 1962 година, по враќањето од Италија, каде ги посетуваше курсевите што во тоа време ги организираше РАИ – Италијанската радио телевизија. РАИ тогаш беше во самиот врв на телевизиските куќи во Европа, нејзините програми се пренесуваа на југословенските простори, а младите телевизиски куќи ги учеа сите тајни на ова новинарство, клутруни емисии и забава, кои бараат нешто сосем поинакво од она што се пишуваше во весниците и се емитуваше на радиото. Кондовска на курсевите на РАИ ги прифати новите правци во журнализмот, а потоа ги практикуваше во МТВ.

Како новинар, коментатор и уредник во Културната редакција  Хилда Кондовска остави големо новинарско наследство, како уредник на серија емисии за македонските цркви и манастири, портрети на современи писатели, композитори, драмски, музички, балетски и ликовни уметници, а беше и автор на емисии од историјата на македонскиот театар, градот Скопје и други.

Таа беше сопруга на големиот македонски сликар, Димитар Кондовски. Таа е една од најзаслужните за големата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски, која беше еден од најважните културни настани во 2022. Во Националната галерија Даут пашин амам беа изложени 95 многу вредни дела на Кондовски, а Хилда грижливо ја чуваше таа семејна колекција.  

Кондовска работеше и за весниците „Нова Македонија“, „Вечер“, „Културен живот“.

Погребот на Хилда Кондовска ќе се изврши утре на градските гробишта во Бутел, во кругот на семејството.