Почина генералниот директор на „АДИНГ“ Благоја Дончев


Почина Благоја Дончев, долгогодишниот претседател на управен одбор и генерален директор на АДИНГ, кој важеше за еден од најголемите визионери во историјата на компанијата.

-Неговото лидерство, високата работна етика и вредностите кои ги вгради во темелите на компанијата, денес се нераскинлив дел од нејзиниот код. Беше енергична личност, учител и пример за многу генерации професионалци позади него, несебично споделувајќи ги техничките знаења од областа, бизнис искуствата и вештините. Преку неговото мото дека „АДИНГ е и ќе биде состојка на секоја градба”, изгради и постави здрави основи за понатаму, што гордо го сметаше за еден од своите најголеми успеси.

Дополнително, неговата големина и значајна улога во македонската економија е што преку свој личен пример и посветеност, успеа да го пренесе неговиот ентузијазам многу пошироко, секогаш нагласувајќи дека и останатите македонски компании можат и мораат да создаваат брендови кои ќе излезат вон нашите граници.

Неговите професионални почетоци се во АДИНГ од 1980 година, минувајќи низ сите скалила на компанијата, а на нејзино чело застанува во 2006 година. Смртта го затекна во неговиот четврти континуиран мандат, во кој се бележат и најдобрите резултати во досегашното работење.