Почина Френк Бирд (77), тапанар на легендарните Зи Зи Топ


Почина Френк Бирд, тапанар на легендарниот бенд Зи Зи Топ ZZ Top. Имаше 77 години и беше единствениот член на класичната постава кој не ја носеше долгата брада, карактеристична за бендот, што е особено интересно бидејќи неговото презиме значи „брада“ на англиски јазик.

Бирд се приклучи на ZZ Top во 1969 година, кратко по основањето на бендот, и стана дел од поставата што ќе ја одбележи историјата на групата, заедно со Били Гибонс и Дасти Хил. Хил почина во 2021 година, а бендот продолжи да работи со Елвуд Франсис на бас.

Според информациите, Френк Бирд починал на 17 август на својот ранч во Тексас. Тој бил опкружен со семејството и ги поминал последните денови на специјалистичка – хоспициска  нега. Причината за смртта сè уште не е објавена, објавува списанието Glide.

„Елвуд и јас денес загубивме голем пријател и соработник, а светот загуби еден од најиновативните тапанари и музичари со неверојатно чувство за ритам, вистински син на Тексас. Неговиот препознатлив стил на свирење беше клучен за звукот на ZZ Top и неговиот успех. Бендот на кој му посвети шест децении од својата кариера ќе продолжи, токму онака како што би посакал“, рече Били Ф. Гибонс, основач на ZZ Top.