Почина Џек Велч, легендарниот директор на „Џенерал Електрик“


Џек Велч, под чие водство, во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век,  „Џенерал Електрик“ стана највредната компанија во САД, почина на 84 годишна возраст, јавија светските агенции.

Велч беше познат како „Неутрон Џек“, поради кратењето на илјадници работни места – купуваше и продаваше голем број бизниси, проширувајќи ја дејноста на индустрискиот гигант во финансиските советодавните услуги. Под негово водство пазарната вредност на „Џенерал Електрик“ од 12 милијарди долари се зголеми на 410 милијарди американски долари.

Во 1960 година, Велч се приклучи на ГЕ како хемиски инженер во одделението за пластика во Питсфилд, Масачусетс. Тој беше избран за најмлад потпретседател на компанијата во 1972 година и стана заменик директор во 1979 година.

Во декември 1980 година, беше објавено дека ќе го наследи извршниот директор Реџиналд Џонс и во април 1981 година ја презеде функцијата како осми претседател и извршен директор на компанијата. Тој работеше на таа позиција сè до пензионирањето во септември 2001 година. Кога се пензионирал, тој добил од ГЕ добил 417 милиони американски долари, најголема таква исплата во историјата на бизнисот.

Во 2006 година, неговото нето-богатство беше проценето на 720 милиони американски долари.

Под водство на Велч, „Џенерал Електрик“ забележа голем раст и експанзија. Преку рационализирање на работењето, стекнување на нови бизниси и обезбедувајќи секој бизнис под чадорот ГЕ да биде еден од најдобрите во својата област, компанијата беше во можност да се прошири драматично од 1981 до 2001 година.