Почина д-р Лазар Шуманов, долгогодишен директор на ИКОМОС Македонија


По кратко боледување денеска почина претседателот на ИКОМОС-Македонија, д-р Лазар Шуманов, кој во 1994 година беше и еден од основачите на Националниот комитет на Меѓународниот совет на споменици и локалитети (ИКОМОС).

Како што информира ИКОМОС-Македонија, Шуманов го посвети целиот свој живот на заштитата на културното наследство, работејќи три децении во Републичкиот завод за заштита на културното наследство како архитект-конзерватор, а и по пензионирањето продолжи активно да работи и да придонесува во оваа сфера.

Има реализирано голем број проекти за конзервација и реставрација на недвижното културно наследство и стручни трудови, меѓу кои и значајната студија за сеизмичкото зајакнување на византиските цркви во Македонија, за која ја доби и државната награда за наука „Гоце Делчев“ во 2005 година.

– Тој беше препознат како врвен и ценет професионалец за заштита на културното наследство и во светски рамки, учествувајќи во бројни меѓународни проекти. Беше член и на Извршниот одбор на Меѓународниот комитет на ИКОМОС, како и на Советот на ИКРОМ. Д-р Шуманов беше и предавач во Центарот за конзервација при Универзитетот во Јорк, каде ја одбрани и својата докторска дисертација,  и на Школата за архитектура при Универзитетот во Марсеј, наведува Националниот комитет на ИКОМОС.

Погребот на Шуманов ќе се одржи утре, 10 мај 2021, во 12 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.