Почина Атанас Коларовски, игроорец и кореограф од првата генерација на „Танец“
Во својата 96-та година од животот, денеска почина Атанас Коларовски, знаменитиот игроорец и кореограф од првата генерација на „Танец“.
Атанас Коларовски е роден во село Драчево, Скопско, во 1926 година. Со формирањето на Државниот ансамбл „Танец” станал негов член и речиси дваесет години бил уметнички директор, кореограф и игроорец – солист.
Од 1970 година се преселил во САД, каде што ја продолжил својата активност како инструктор, пренесувајќи им го богатството на македонскиот музички и игроорен фолклор на генерации вљубеници од целиот свет. Атанас Коларовски е автор на повеќе врвни кореографии за „Танец“, меѓу кои и на антологиските „Драчевка”, „Калајџиско” и „Невестинско”.
Од „Танец“ информираат дека времето и местото на последното испраќање на Атанас Коларовски ќе бидат дополнително соопштени.