Почина Амди Бајрам

Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, почина на 64-годишна возраст, јавуваат медиумите на ромски јазик. Долгогодишниот политичар веќе бил починат кога бил донесен во клиниката Филип Втори поради проблеми со срцето.

Последна вест за Амди Бајрам беше дека организираше свадба со 600-тини гости за својата внука во Турција, откако претходно ја откажа истата поради коронавирусот во Македонија.

Бајрам имаше проблеми со срцето, а посмртно ќе му биде направен и тест за Ковид 19, за што му е земен брис.

Поранешниот пратеник за себе знаеше да каже дека е познат како кока кола која сите ја пијат. Тој  има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“. Во 1994 стана пратеник во Собранието на Македонија како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите.  Бајрам во 1996 ја основа Сојуз на Ромите од Македонија. Во Собранието, членувал во неколку пртенички групи, како и во Комитетот за односи меѓу заедниците. Во периодот 1998–2002 Амди Бајрам ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски. При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на лидерот на опозицијата Црвенковски во декември 2000 година,  владата опстои поради гласот на Бајрам, по што тој изјави дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“.

Во 2004 година беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“. Иако  беше осуден на 7-годишна казна затвор, подоцна му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидираше за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник неполн месец, бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип.

Во 2007 казната му беше намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор и се врати во политиката влегувајќи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но ја напушта во декември 2016 година кога на власт дојде СДСМ. Бајрам оттогаш ја поддржуваше владејачката партија, а пратеник беше до јули 2020 година.

Спикерот на Собранието Талат Џафаери во телеграмата за сочуство вели дека Амди Бајарм Со својата реторика и позитивен дух секогаш ќе остане запаметен.