Почина актерот Трајче Иваноски – доајен на прилепскиот народен театар


Денеска, 19. декември, во Прилеп почина актерот и еден од доајените на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, Трајче Иваноски. Комеморација по повод смртта на Иваноски ќе се одржи утре во 11.30 ч. во театарот „Војдан Чернодрински“.

Тој е актер кој спаѓа во најангажираните творци на прилепскиот театар. Заиграл во далечната 1965 година на сцената на прилепскиот театар а во пензија заминува во 2007 година. Со оглед дека и за пензионерските денови активно учествува во тековниот репертоар на театарот, Иваноски бележи 40-есет годишно активно искуство на сцената со приближно одиграни 300 претстави. Како што ќе запишат критичарите во неговиот богат и плоден театарски опус влегуваат поголем број на сложени и стожерни (главни) актерски ролји реализирани во дела како од домашниот репертоар, светска драмска класика, така и од современата драматургија. Бројката на неговите главни ролји е голема а за дел од нив има добиено и престижни награди.
Играше до последно, до пред извесен период, во претставите „Лажговци“, „Глембаеви“ , во приватниот театарски проект дуодрамата „Мендо и Мајло“.