Почина актерската легенда Мустафа Надаревиќ


По долга и тешка болест на возраст од 77 години почина актерот Мустафа Надаревиќ.

Веста за неговата смрт за хрватските медиуми ја потврдило неговото семејство.

На Надаревиќ му бил дијагностициран карцином. Неодамна бил пуштен од болница. Времето го минувал дома во Загреб, а не излегувал поради епидемиолошката ситуација.

Надаревиќ е хрватски и босански актер и режисер. Роден е во Босна во 1943 година, но поради војната се сели во Хрватска. Во Риека завршува гимназија, а потоа дипломира на Академијата за драмски уметности во Загреб. Две години и предавал на истата академија, а еден семестар и на сараевската.

Познат е по многу улоги во театарски, телевизиски и филмски остварувања, а добитник е и на бројни награди.

Познат е по улогите во филмовите „Глембаеви“, „Ничија земја“, „Нафака“, „Гори ватра“, „Празник“, а публикаата ја одушеви со улогата во телевизиската серија „Луд, збунет, нормален“.

Како режисер се појави со театарската претстава „Лет над кукавичјото гнездо“, а потое следеа уште неколку.

Има две ќерки и еден син.