Почина актерот Кирил Псалтиров кој целиот свој работен век го помина во МНТ


Почина актерот Кирил Псалтиров, кој целиот работен век, од 1974 година до пензионирањето, беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.
 
Дипломирал на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација дипломирани актери.
 
– Псалтиров беше неразделен дел од театарот и секогаш дел од нас ќе биде неговата посветеност кон театарот и големиот број одиграни улоги. Засекогаш ќе остане дел од МНТ. Првата улога во МНТ ја има во претставата „Јунона и Паунот“ (1971), а последна улога му е Љупче во „Писание“ (2002), соопшти Македонскиот народен театар.
 
Псалтиров ги оствари и улогите: Тевје во „Свирач на покрив“ (1983), Освалд во „Крал Лир“ (1972), Оберлајтнант фон Балочански во „Господа Глембаеви“, Крам во „Бертолт Брехт пред комитетот за антиамериканска дејност“ (1977), Д-р Нинковиќ во „Сомнително лице“ (1977 и 1983), Феѓка во „Бесови“ (1978), Ампо во „Чорбаџи Теодос“ (1978), Завиша во „Војна и мир во Груда“ (1981), Попот во „Макавејски празници“ (1983), Боб Мојра во „Бог“ (1984), Солин во „Забуни“ (1989), Кралот Едвард во „Ричард Трети“ (1990), Кардиналот Донателов во „Еригон“…
 
Псалтиров имаше и филмски и телевизиски улоги, меѓу кои „Пред дождот“, „Најдолгиот пат“, „Време води“, „Пресуда“, „Мисија Лондон“, но и „Волшебното самарче“, „Во светот на бајките“, „Тврдокорни“ и „Македонски народни приказни“.
 
МНТ информира дека поради мерките за заштита од КОВИД-19, нема можност да се одржи комеморација за актерот Псалтиров.