Почина академик Илбер Ортајли, историчар од Турција, член на МАНУ надвор од работниот состав
Во 79. година од животот почина академик Илбер Ортајли (1947 – 2026), историчар од Турција и член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав од 27 мај 2009 година, наведува МАНУ во соопштение.
Акад. Илбер Ортајли е еден од најистакнатите турски историчари и интелектуалци. Роден е во 1947 во Брегенц, Австрија, во семејство на кримски Татари, жртва на Сталиновите чистки и прогонства. Основно и средно образование завршил во Истанбул, каде се преселило неговото семејство. Во 1968 дипломирал на Одделот за историја на Универзитетот во Анкара, а магистрирал на Универзитетот во Чикаго, под менторство на познатиот османист Халил Иналџик. Во 1974 докторирал на Универзитетот во Анкара, на Факултетот за политички науки, каде бил избран за вонреден професор.
Во 1982 година поднел оставка од својата позиција во знак на протест против политиката кон универзитетите и продолжил да предава на други универзитети во Европа, Америка и Русија.
Во 1988 се вратил во Турција. Во 1989 станал професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Анкара, каде во периодот од 1989 до 2002 година бил раководител на Одделот за историја. Во периодот од 2002 до 2005 бил професор гостин на неколку универзитети во Турција. Во 2005 станал директор на Музејот на Топкапи сарајот и на оваа позиција останал до пензионирањето во 2012 година.
Илбер Ортајли освен што беше член на научни редакции на бројни меѓунродни списанија, тој беше и член на одборот на директори на Меѓународниот комитет за османлиски студии, на Европското друштво за ирански студии и на Австро-турскиот форум на науки. Течно зборуваше германски, англиски, француски, руски, италијански, персиски и одлично ги познаваше османлискиот и латинскиот јазик.
Добитник е на повеќе домашни (турски) и меѓународни награди (Италија, Франција, Русија, Австрија) и автор е на бројни монографии и статии кои се однесуваат на османлиската и на руската историја, посебно за историјата на јавната администарција, дипломатијата, културната и интелектуалната историја. Некои од неговите најважни дела се преведени и на македонски јазик.
За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2009 година.
Заминувањето на Илбер Ортајли претставува голема загуба не само за турската историографија, туку и за МАНУ која изгуби почитуван член и искрен пријател. Неговото научно и интелектуално наследство остануваат инспирација за идните генерации историчари и проучувачи на минатото.