Почина Ахил Тунтев, дипломат и советник за надворешни работи на Киро Глигоров


Во 81-та година од животот, во Скопје почина Ахил Тунтев, дипломат и советник за надворешни работи на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров.

Ахил Тунтев е роден во Охрид 1939 година каде што го оформил основното и средно образование. Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил главен и одговорен уредник на весникот на скопските студенти „Студентски збор“, а од 1968 до 1974 година бил главен и одговорен уредник на информативно-политичката програма на Телевизија Скопје и автор на повеќе телевизиски емисии.

Бил избиран на најодговорни функции во општествено-политичките организациии на републичко и сојузно ниво во поранешната заедничка држава. Од 1974 година се занимава со дипломатска работа во Републичкиот секретаријат за односи со странство, каде што извршувал раководни функции и учествувал во бројни меѓународни активности. Од 1984 до 1988 година бил ополномоштен министер-советник во Амбасадата на СФРЈ во Софија, а потоа работел во Белград како советник на Сојузниот секретар за надворешни работи.

Во ноември 1989 г. се враќа во Скопје на функција советник за надворешно-политички прашања на Претседателството на СР Македонија. Оваа функција продолжува да ја врши и во Кабинетот на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, за целото време на неговите два претседателски мандата (1991-2000), по што се пензионира. Учествувал, во состав на државни делегации или на експертско ниво, на бројни меѓународни конференции и средби во земјата и во странство, а извршувал и повеќе дипломатски мисии.

Во „Утрински весник“ објави сеќавања од приемот на Македонија во Обединетите нации во април 1993 година, а во 2005 ја објави книгата „Република Македонија: прва декада, 1990-1999“. Соработувал на текстот и документацијата на книгата на Киро Глигоров „Македонија е сè што имаме“ и на Дипломатскиот летопис.

Од Ахил Тунтев се разделуваат и членовите на Дипломатскиот клуб, каде што тој бил нивни член, долгогодишниот дипломат и новинар, колега, пријател, висперен аналитичар и еден од основоположниците на органите за односи со странство на Македонија.

– Тунтев со својата правна наобразба, со своето политичко искуство остави длабоки траги во креирањето и остварувањето на мирољубивата и конструктивна надворешна политика на државата, како носител на најодговорни функции во органите ангажирани за спроведување на таа политика. Како член на Кабинетот и тесно соработувајќи со првиот претседател на државата, Киро Глигоров, тој даде особен придонес во заземањето на ставови при раздружувањето од поранешната федерација на Република Македонија и нејзиното етаблирање како самостоен и суверен меѓународен субјект – велат од Дипломатскиот клуб.

Оттаму додават дека им било чест да соработуваат со Ахил, да расправаат и да анализираат неброени прашања од надворешната политика и дипломатијата, за нив заедно да оставиме и писмени траги во неколку книги и списанија, а  тој беше и еден од иницијаторите за покренување на нашиот „Дипломатски летопис“.

Дипломатскиот клуб преку соопштение изрази жалење по повод смртта на амбасадорот Ахил Тунтев – нивен член, долгогодишниот дипломат и новинар, колега, пријател, виспрен аналитичар и еден од основоположниците на органите за односи со странство на Македонија.