ПОЦ ја промовираше новата веб-платформа, но им истече сертификатот за безбедност


Истиот момент кога директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар ја промовираше новата веб-страница преку која корисниците ќе можат да плаќаат за услугите онлајн, нивната веб-страница покажа дека сертификатот за безбедност е истечен и дека корисниците влегуваат на неа на свој ризик.

Уверуваа дека податоците кои корисникот ќе ги внесе при регистрација на страницата се потполно безбедни и никој нема да може да ги злоупотреби, а се работи за трансакциски сметки и броеви на кредитни картички, регистарски таблички и други лични податоци.

По укажување за проблемот, од ПОЦ одговорија: „Стариот сертификат истече денеска во 14 часот и во секој момент го очекуваме новиот. До крајот на овој ден ќе биде надминат овој проблем. Ви благодариме на разбирањето“.

Инаку, новата веб-страница на ЈП ПОЦ е изградена на напредна платформа за ваков тип на интерактивни и динамични веб страници со прилагодлив дизајн, соодветен за различни уреди – лаптопи, мобилни телефони, таблети. Системот овозможува додавање на неограничен број на корисници и повеќе кориснички пристапи во исто време, тврдат од ПОЦ. Дополнително, преку својот едноставен интерфејс веб страницата нуди брз и едноставен пристап до сите информации од интерес за корисниците: мапа на паркиралишта, зони за паркирање, поединечни услуги и пакети, пајак служба, грижа за корисници и низа други услуги, соопштија од претпријатието.