Победниците на косовските избори го усогласија договорот за заедничка Влада


Работни групи на партиите победнички на вонредните парламентарни избори во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) денеска одржаа состанок, по кој објавија дека постигнале согласност за содржината и принципите на договорот за заедничко владеење, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во заедничкото соопштение на двете партии се наведува дека на состанокот, одржан во седиштето на ЛДК, се разгледани главните политички теми за клучните реформи кои ја очекуваат новата влада.

– На средбата беа разгледани главните политички теми и клучните секторски реформи кои ја очекуваат новата Влада. Страните се согласија за интензивирање на состаноците и договорија наредна средба за в среда (23 октомври) во 15 часот заради конкретизирање на денешните заклучоци, се вели во соопштението.

Иако преостанува да се пребројат уште одреден број гласачки места и да се избројат таканаречените „условни гласови“, сосема е извесно дека ВВ на Албин Курти е победник на изборите од 6 октомври со околу 25,5 отсто освоени гласови. Втора, со околу еден отсто помалку гласови, е ЛДК на поранешниот премиер Иса Мустафа, чија кандидатка за премиерка и носителка на изборната листа е досегашната пратеничка Вјоса Османи.

Двете партии засега се упорни во тврдењата дека нема да коалицираат со ниеден друг политички субјект, додека Курти неколку пати порача дека доколку не успее коалицијата ВВ – ЛДК земјата ќе оди на нови избори.