Победничката партија во Бугарија сака што побрзи преговори со Македонија


Зголемена трговска размена со соседите, воспоставување авиолинија Скопје-Софија, изградба на коридорот 8, заеднички културен календар на Бугарија и Северна Македонија е дел од визијата за бугарската надворешна политика на партијата Продолжуваме со промената.

На тема Бугарија и Европа, Даниел Лорер експерт за меѓународни односи од Продолжуваме со промената, рече дека е важно Бугарија да биде активна во евроатлантската област и во економски и во технолошки проекти.

Дискусијата на тема надворешна политика е дел од серијата разговори за изготвување на коалициски договор за управување со земјата меѓу Продолжуваме со промената (ПП), Демократска Бугарија (ДБ), Има таков народ (ИТН) и Бугарската социјалистичка партија.

Визијата на ПП е најмалку да се удвои трговската размена со соседните балкански земји, како и да ги продлабочи трговските, културните и образовните врски со земјите од регионот. Во однос на Република Северна Македонија, Лорер истакна дека е важно ПП да го задржи добронамерниот тон на преговорите и сите досегашни елементи од преговарачката позиција на Бугарија.

„Пред сѐ, наша желба е за кратко време да започнеме со формирање билатерални комисии“, коментира Лорер.

Меѓу приоритетите ги посочува изградбата на директна авиолинија Софија – Скопје, коридорот број 8, заеднички културен календар, заеднички научни трибини. Лорер ја нагласи и адаптацијата на учебниците во Северна Македонија, за да исчезне, како што рече, говорот на омраза од таму, што, според него, е „неминовен услов“.

„Да ја поддржиме нивната интеграција во ЕУ со помош на нашата техничка експертиза“, порача Даниел Лорер од победничката партија на изборите Продолжуваме со промените.

Според Лорер, мисијата на надворешната политика на Бугарија е да создаде сосема нова слика за земјата. 

„Имиџ на земја која е слободна, демократска, без корупција, слика на земја која е пример како тоа може да се случи“, објасни Лорер.

Копретседателот на коалицијата Кирил Петков објасни дека една од главните цели на ПП е да се искорени репутацијата за корупцијата во Бугарија. Според него, тоа ќе им помогне и на надворешните и на надворешно-економските односи. Тој објасни дека нивната цел е Бугарија да стане земја која успеала да го искорени овој проблем од толку огромни размери. Како приоритет за ПП Петков ги таргетира Бугарите кои студираат на престижни странски универзитети и инсистира на програма за нивно враќање назад.

Даниел Лорер додаде дека Министерството за надворешни работи има сериозна улога во привлекувањето меѓународни инвеститори. ПП предлага создавање на доброволен дигитален регистар на Бугарите во странство за да се знае не само нивната локација, туку и каде е нивното работно место, како и квалификациите што ги имаат. Идејата е да се привлечат странски инвеститори, појасни тој.

Тој се залага за прием на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развој, која ја дефинираше како ексклузивен клуб на богатите земји во светот и земјата да биде поактивна во меѓународните и регионалните институции. ПП нуди финансиска поддршка за бугарските културни организации, но по реформата на Агенцијата на Бугарите во странство (ДАБЧ).

„За нас беше многу непријатно да видиме висок државен администратор од ДАБЧ на списокот на засегнати од санкциите Магнитски. Искоренувањето на овие практики ќе биде апсолутен фокус и на ПП и на целата коалиција, која се надеваме дека ќе влезе во владата на земјата“, рече експертот.

Друга идеја на ПП е создавањето на таканаречениот фонд „Стамболов“, инспириран од оригиналните буџети на Стефан Стамболов, зачувани во архивата на Министерството за финансии.

Најтврд став во долгите разговори за надворешната политика во саботата имаа социјалистите од БСП, според кои на Македонија не треба да ѝ се попуштело во ниедна точка и Бугарија треба да опстои цврсто на позицијата што ја усвои во парламентот. Слични становишта имаа и претставниците на Има таков народ, додека луѓето од Демократска бугарија беа за далеку пофлексибилно поставување и повеќе да се гледа на иднината отколку минатото.