Победена и поделена италијанската левица избира нов лидер

Поддржувачите на ПД ќе треба да одберат меѓу двајца сосема различни кандидати кои нудат спротивставени ставови за тоа како да ја оживеат партијата


 

РИМ – Италијанската централно-левичарска Демократска партија (ПД) викендов ќе избере нов лидер за кој се надева дека ќе може да ја извлече групата од маѓепсаниот круг и да обезбеди веродостоен предизвик за националистичката премиерка Џорџа Мелони.

Поддржувачите на ПД ќе треба да одберат меѓу двајца сосема различни кандидати кои нудат спротивставени ставови за тоа како да ја оживеат партијата по низата убедливи изборни порази.

Фаворитот Стефано Боначини е претседател на богатиот северен регион Емилија-Ромања. Тој се промовира себеси како здрав администратор и докажан победник на избори, кој ќе бара меѓупартиски сојузи за да ја порази владејачката десничарска коалиција.

Негов противник е Ели Шлајн, ѕвезда во подем на италијанската политика која сака ПД да се префрли кон лево и да се обедини зад основните вредности, како што се родовата еднаквост, ЛГБТК правата, климатските промени и реформите на трудот.

„Не сум сигурна дека кој било од овие двајца кандидати може да ја одведе ПД до победа на следните избори, но Боначини сигурно ќе има поширока привлечност“, вели Софија Вентура, професорка по политички науки на Универзитетот во Болоња.

„Десните навиваат за Шлајн. Тие мислат дека таа би ја направила ПД неизборна“.

ПД никогаш не победи на националните избори откако беше основана во 2007 година, но се покажа вешта во создавањето коалиции и обезбеди тројца од последните шест премиери на Италија.

Самата партија е водена од поделби, што значи дека сега го бара својот деветти лидер во последните 16 години, а нејзините некогаш силни локални корени овенуваат, оставајќи ја на чело на само четири од 20 региони во Италија.

ИЗГУБЕН ИДЕНТИТЕТ

Нејзиниот последен лидер, Енрико Лета, поднесе оставка откако ПД дојде на далечно второ место на парламентарните избори во 2022 година, плаќајќи висока цена за неуспехот да создаде сојуз со Движењето 5 ѕвезди и другите противници на блокот на Мелони.

Додека Движењето 5 ѕвезди успешно се прикажува себеси како бранител на сиромашните и на југот, идентитетот на ПД стана заматен. Ја доби поддршката од елитите на метрополите, но изгуби контакт со гласачите од работничката класа.

Оние што не го милуваат Боначини велат дека 56-годишниот регионален лидер го претставува минатото, а не иднината. „Тој е здодевен како директор за погреби“, рече славниот фотограф Оливеиро Тоскани оваа недела, повикувајќи ја ПД да застане зад Шлајн.

Ако победи на изборите, 37-годишната Шлајн ќе стане првата отворено ЛГБТК личност што ќе води голема партија во Италија.

Проевропска и феминистка, таа има еврејски корени и на прелиминарните избори отфрли двајца добро етаблирани партиски ветерани за да добие место во вториот круг в недела, кој ќе биде отворен за секој регистриран жител во Италија. Се очекува победникот да биде објавен во недела навечер.

Низ целата земја се поставуваат импровизирани гласачки кабини, а претставниците на ПД се надеваат дека ќе учествуваат најмалку милион луѓе. Повеќе од 3,5 милиони гласаа на првата трка за лидерство на ПД во 2007 година, но бројките оттогаш се намалија и прогнозата за лошо време веројатно ќе ја намали излезноста уште повеќе овој викенд. (Ројтерс)