Победата на Тржасковски во Полска ќе биде голем удар за европските популисти

Рафал Тржасковски (на фотографијата) е избор на едната половина од Полска, сегашниот претседател Анджеј Дуда на втората. Неделната трка е целосно неизвесна

В недела во Полска се одржува вториот круг од претседателските избори по кои ќе се знае дали националистичката партија Право и правда ќе ја зацементира моќта во земјата за подолго врме. Либералната Полска се надева во победа на градоначалникот на Варшава, Рафал Тржасковски

 

ШЧЕЧИН, Полска – Можноста дека градоначалникот на Варшава може да го победи претседателот на Полска во вториот круг од изборите в недела, го наполни централниот плоштад на овој северозападен град оваа недела – политичките надежи ги надминаа стравувањата од корона вирусот.

Стоејќи во толпата, уметничката Јоана Збиковска (55) рече дека гласањето в неделата може да биде „последна шанса да се смени“ политичкиот курс на Полска пет години од проширување на власта од страна на десничарската партија Право и правда.

Тврдокорните политики на партијата, вклучително и напорите да се избркаат независните судии – донесоа забелешки од групите за човекови права и други дека земјата се оддалечува од стандардите на Европската унија за владеење на правото.

Во април, Судот на правдата на Европската унија, највисокиот суд во блокот, ѝ нареди на Полска да го суспендира специјалниот панел кој ќе има моќ да ги гони судиите, за кои критичарите велат дека може да се користи против оние коишто тие сметаат дека ѝ се спротивставуваат на владата.

Сепак, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, заврши удобно напред во првиот круг на гласањето минатиот месец. Но, анкетите предвидуваат далеку поблиска трка во вториот круг со проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, кој вети дека ќе се залага за потолерантна и помалку поделена земја.

На митингот во средата во Шчечин, приврзаниците на Тржасковски мавтаа со знамињата на ЕУ и Полска, а некои носеа маски за лице во боја на виножито.

„Тоа е сон за Полска полна со отворени, толерантни, храбри и бунтовнички луѓе“, рече Тржасковски за својата визија за Полска.

Михал Јакушевски (28), кој присуствуваше на митингот со својата сопруга и двомесечната ќерка, рече дека гласал за Дуда пред пет години и сега го поддржува градоначалникот на Варшава. Тој рече дека не сака Полска да изгледа како САД под претседателот Доналд Трамп.

Споредбите со политичките битки во САД не се случајни.

Само неколку дена пред првиот круг, Дуда се сретна со Трамп во Вашингтон во она што се сметаше за обид за зајакнување на неговата кампања. Тржасковски оттогаш разговараше со поранешниот претседател Барак Обама.

„Одредени независни институции се под напад“, рече Тржасковски за „Вашингтон пост“ по митингот во средата. „Постои голема опасност владата да продолжи со својата политика за политизација на независните институции“.

Додека претседателите на Полска традиционално играа претежно церемонијална улога, моќното вето на канцеларијата може да му даде на Тржасковски моќ над партијата Право и правда во парламентот, каде што таа има мнозинство во долниот дом од изборите во 2015 година. Следните парламентарни избори се очекуваат за повеќе од три години од сега.

Бидејќи Тржасковски напредува во анкетите во последните неколку недели, во текот на првите реперкусии на рецесијата предизвикана од корона вирусот, Дуда ги удвои поларизирачките изјави. Тој посочи дека напорите за унапредување на правата на ЛГБТК се полоши од комунизмот и ја нарече најголемата опозициска партија полоша од корона вирусот.

Државниот радиодифузен сервис на Полска се претвори во „кампањска алатка за сегашниот претседател“ со „ксенофобични и антисемитски прилози“, се вели во извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Во меѓувреме, Тржасковски се обиде да се претстави како лидер што може да обедини, и е во состојба да застане против владејачката партија. Бидејќи тој влезе во претседателската трка во мај, рејтингот за одобрување на Тржасковски се зголеми за 34 процентни поени на 45 отсто, според анкетата на „Кантар“.

Синот на еден од најпознатите полски џез-пијанисти, Тржасковски минуваше години како научник и експерт на Европската унија, зборува пет јазици и се фали со колекција од повеќе од 10.000 книги. Тој работел како член на Европскиот парламент, полски министер за администрација и дигитализација, а потоа и како полски министер за Европа.

Кога Тржасковски беше избран во 2018 година за кандидат за градоначалник на опозицијата во Варшава, упориште на опозицијата, тоа беше изненадување за некои политички коментатори. Тие се прашуваа дали Тржасковски, кој имаше репутација на претпазлив интелектуалец, ќе се вклопи во политички пејзаж во кој сè повеќе доминираат длабоки поделби и, на моменти, брутално непријателство меѓу власта и опозицијата.

Тржасковски ги избегна личните напади кои сега се вообичаени. Рекламите го прикажаа Тржасковски како отворен ум, тактичен и глобален. Тој победи во трката за градско собрание со големо мнозинство.

„Тоа беше моментот кога се роди Тржасковски, борецот“, вели Јарослав Флис, социолог на Јагелонскиот универзитет со седиште во Краков. „Тој не зеде ништо здраво за готово, но се покажа себеси во злобната битка“.

Неговата работа како градоначалник на Варшава, сепак, и поделува.

Додека тој се смета за ефективен политичар во кампања, некои критичари се жалат дека тој избегнува смело дејствување ако тоа може да се покаже како контроверзно.

„Додека секој поголем град во Западна Европа се прави пријателски расположен кон пешаците и велосипедистите, Тржасковски премногу се плаши да воведе каков било проект што би ги иритирал возачите на автомобили“, рече Јан Менцвел, шеф на здружението „Градот е наш“, водечка група во Варшава која се фокусира на урбаниот живот.

Во февруари 2019 година, новоизбраниот Тржасковски потпиша „ЛГБТ+ Декларација“ за Варшава во која беа вклучени обврски за борба против дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ заедницата.

Декларацијата предизвика реакција на десницата, вклучително и декларацијата за „ЛГБТ слободни“ зони во речиси 100 заедници и градови, претежно во конзервативниот југоисток на земјата.

Аналитичарите велат дека оваа реакција била клучна лекција за Тржасковски.

Во текот на неговата претседателска кампања тој претежно избегнуваше проактивно да дискутира за ЛГБТ темите, за што некои аналитичари велат дека е пресврт кон прагматизам во земја во која огромното мнозинство е римокатоличко и многумина имаат конзервативни погледи. Тржасковски неодамна изјави дека не поддржува да се дозволи истополови парови да посвојуваат деца.

Тржасковски, исто така, се обидуваше да допре до посиромашните и порелигиозните рурални области – упоришта на Право и правда – кои имаат корист од големите социјални програми на владата.

Овие изјави на Тржасковски се чини дека се водени од политички калкулации. Тржасковски најверојатно ќе треба да придобие барем некои приврзаници на екстремно десничарскиот кандидат Кшиштоф Босак, кој испадна по првиот круг.

„Дури и ако го изгуби вториот круг од изборите, тој сè уште е градоначалник, сè уште млад, со национално признавање на неговото име и добри изгледи за иднината“, рече социологот Флис.

Но на митингот на Тржасковски во Шчечин, многу поддржувачи изразија загриженост за иднината доколку неговата кандидатура за претседател не успее.

Збиковска, уметничката, рече дека нејзиниот постар син веќе емигрирал во Лондон „поради пари… поради омраза“. Ако Тржасковски победи, се надева дека може да го убеди барем нејзиниот помлад син да остане во Полска. (Вашингтон пост)