Победа што опоменува


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА 

На 5 мај се случи она што ако се случеше уште на 30 септември минатата година државата веројатно ќе избегнеше многу непријатни моменти што следуваа по (релативно) неуспешниот референдум за Преспанскиот договор. А кои, неколку месеци подоцна, мошне сликовито се одразија на позициите на главните политички актери во земјава, особено во првиот круг од претседателските избори.

Успешноста на шестите претседателски избори во земјава, во пакет со нивниот речиси беспрекорен тек, е главната придобивка од овој циклус гласање. Со изборот на петтиот претседател се заобиколија нови политички турбуленции, што ќе беше премногу со оглед на тоа што државата веќе речиси половина деценија живее во атмосфера на латентна политичка неизвесност. Уште попријатно е сознанието дека за успешноста на изборите придонесоа сите релевантни политички фактори во државата, и покрај оправданите стравувања од можен нов бојкот на опозицијата и од дворски игри во Мала Речица во однос на поддршката на заедничкиот кандидат.

ВМРО-ДПМНЕ, која есента 2018 година мошне експлицитно им сврти грб на евроатлантските перспективи на државата, со бојкотот на референдумот за името и со опструкциите при спроведувањето на Преспанскиот договор, овој пат остана до крај во играта, со што остави и простор на Македонија да ѝ биде одобрен почеток на преговорите со Унијата. Со оглед на тоа што успешноста на изборите се наметна како еден од основните критериуми пред одлуката на европскиот совет и ДУИ сфати дека повеќе ќе добие ако од овие избори излезе како една од победничките и конструктивни страни отколку од краткорочното „задоволство“ што ќе го доживееше ако на кратки патеки добиеше в.д. шеф на државата од партиските редови.

Затоа, 5 мај 2019 година нема да биде запаметен само како датум кога државата го доби петтиот претседател. Туку и како ден кога главните политички сили во земјава, иако не ги надмина ниту своите најскромни изборни салда досега, всушност, се надминаа самите себеси и своите теснопартиски интереси. И со тоа создадоа простор за земјава да се врати на колосекот на нормалноста.

Не помалку значајна е и победата на Стево Пендаровски, како кандидат на владејачката коалиција, во битката со Гордана Силјановска-Давкова, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Триумфот на Пендаровски – ако може да се нарече така изборниот исход кој покажаа најголема апатија досега на гласачкото тело во земјава, всушност, значи и потврда на Преспанскиот договор, како документ кој ги врати на дневен ред интеграциските процеси на земјава почнувајќи од потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО до надминувањето на вечниот кандидатски статус на Македонија во рамки на ЕУ.

Победата на Пендаровски пред сè е победа на рационалното над емоционалното и на граѓанскиот концепт, наспроти популизмот и национализмот што сè уште го негуваат одредени субјекти и во македонскиот и во албанскиот политички камп.

Ќе беше мошне иронично ако, практично, првиот претседател на Северна Македонија биде претставник на политичката опција која силно се спротивставуваше и го опструираше Преспанскиот договор, зад кој застана целата меѓународна заедница. Тоа, всушност, ќе значеше своевидно продолжение на политиките на досегашниот шеф на државата Ѓорге Иванов, во чија децениска претседателска биографија ќе останат запишани и постојани конфронтации со меѓународните фактори, изолационистички политики, необјективен однос кон политичките противници и неможност да се издигне над партијата која го донесе на функцијата.

Поради тоа, на нашата земја во овој политички момент ѝ е потребен претседател кој ќе биде чиста спротивност на Иванов. Од тој аспект, и изборот на Пендаровски, односно неговата предност од околу 60 илјади гласа пред Силјановска, за почеток влева надеж. Сепак, нему му претстојат пет години во новата претседателска резиденција, која не постоеше во времето кога беше советник во кабинетите на претходните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Таа соработка со двајца претседатели од различни политички провиниенции и со различни политички хабитуси, веројатно, ќе му биде од драгоцено значење при извршувањето на формално највисоката функција во државата.

Искуството од неговото претходно изборно соочување со Иванов, како и опсервацијата на неговите политики во изминатите десет години може да претставуваат своевидна лекција за Пендаровски – што не треба да прави како шеф на државата. Особено, ако се има предвид двозначноста на изборите кои штотуку завршија, а на кои граѓаните прво им дадоа „жолт картон“ на владејачките партии, за дури потоа да им обезбедат победа. Прашање е дали изборите воопшто ќе беа успешни доколку премиерот Зоран Заев не најавеше потемелни реформи и кадровски чистки, по речиси нерешениот исход во првото полувреме, кога одѕивот беше на самата граница на цензусот што требаше да биде постигнат во одлучувачкиот круг.

До пролетта 2024 година, Пендаровски, веројатно, ќе треба да вложува многу труд и напори за да го поврати кредибилитетот на претседателската функција. Со тоа што ќе ги влече најдобрите можни потези, пред сè во сферата на безбедноста и надворешната политика, но и во делот на соработката со другиот лост на извршната власт во земјава – независно од тоа кој ќе „диригира“ на „Илинденска“ по следните парламентарни избори – кон крајот на 2020 година.