Победа на опозицијата на изборите во Косово


Опозициската партија Ветевендосје (Самоопределување) ја прослави својата победа на парламентарните избори во неделата во Косово, соборувајќи ја некогашната доминантна Демократска партија на Косово (ПДК), која се најде на третото место по Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).

Според првичните резултати, со 95,88 проценти од преброените гласови Самоопределување на Албин Курти освои само 0,69 проценти повеќе гласови од Демократскиот сојуз на Косово. Самоопределувањето доби 200.700 гласа, или 25,55 отсто, додека Демократскиот сојуз на Косово (195.296 или 24,86 проценти). ПДК на претседателот Хашим Тачи освои 21,13 отсто, а коалицијата на премиерот Рамуш Харадинај 11,53 отсто од гласовите.

Одѕивот на гласачите беше 44 отсто. Блискиот резултат значи дека земјата, како и обично, ќе има коалициска влада.

Непосредно по затворањето на изборите, Кадри Весели, лидер на ПДК, го призна поразот на предвремените избори, кои беа организирани откако поранешниот премиер Рамуш Харадинај нагло си поднесе оставка. „Ние не победивме. ПДК ќе оди во опозиција и ќе продолжиме да им служиме на нацијата и на државата“, рече Весели на прес-конференција потврдувајќи дека ПДК ја изгуби власта по 12 години.

Водачот на Самоопределување, Албин Курти, за приштинската телевизија Т7 рече дека гласачите интервенирале за да ја спасат земјата од катастрофа. „Самоопределување е победник на изборите затоа што освои најмногу гласови, но е многу добро што како опозиција (заедно со ЛДК) ќе имаме најмалку 60 пратеници“, рече Курти, кандидатот на партијата за функцијата премиер.

Курти изјави дека веднаш започнал да работи на создавање нова влада со него како премиер.

„Работевме напорно, долго време сме ангажирани, но сето тоа се исплаќа бидејќи секоја жртва вреди за нашите најблиски. Ние ја сметавме за наша обврска и ќе ја вратиме земјата на вистинскиот пат“, рече Курти.

Што се однесува до дијалогот со Србија, тој рече дека како премиер ќе ги преземе одговорностите што му припаѓаат според Уставот, и дека под негово водство нема да има прашање за тоа што Косово ѝ дава на Србија како замена за признавање, туку на долгот на Србија кон Косово.

По поразот, Рамуш Харадинај, сегашен технички премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово, напиша на Фејсбук дека „решението да се врати одлучувањето на гласачите се покажа исправно“.

„Мирниот и фер натпревар ги воздигна Косово и неговите граѓани на повисок стандард на политичка и демократска зрелост служејќи како модел во регионот“, додаде тој.

Неговата партија се кандидираше во коалиција со Социјалдемократската партија освојувајќи околу 11 проценти од гласовите.

Во меѓувреме, во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ ја пофали партијата поддржана од Белград, Српска листа, за која рече дека освоила 98 отсто од гласовите во главно етничкиот српски град Митровица и над 90 отсто во сите други општини со мнозинство Срби во Косово. „Српска листа ја освои својата најубедлива победа во својата историја. Ова е една од моите омилени победи бидејќи се случи во најтешки услови“, рече Вучиќ.

Обвинителите регистрираа 16 прекршувања на изборниот процес, а 20 лица беа уапсени поради попречување на гласањето, велат од Обвинителството.

На избирачкиот список имаше 1.972.466 гласачи, што претставува пораст од околу 115.000 во однос на последните избори во 2017 година.

Изборите во Косово доведоа до првите значајни промени во гласањето на граѓаните од крајот на војната, оценуваат светските медиуми. „Њујорк тајмс“ пренесува дека откако војната со Србија заврши пред две децении, доминантни политички фигури на Косово досега биле мажи кои се истакнале како борци и ја задржаа власта, иако не успеале да обезбедат траен мир и да ја контролираат распаѓачката економија.

„Сепак, на парламентарните избори во неделата нова генерација политичари првпат им понуди сериозен предизвик. Опозициските партии се здобија со моќ“, пишува „Њујорк тајмс“.

АП наведува дека изборите во неделата се одржани со повиците до лидерите да продолжат со дијалогот со Србија за нормализирање на врските по блокадата откако претходната влада воведе 100-процентни такси за српската стока.

Лидерот на Самоопределување, Албин Курти, сега е подготвен да формира владејачка коалиција, рече АП додавајќи дека не рекол дека има намера да го реши прашањето на преговорите со Србија.

Агенцијата Франс прес соопшти дека гласачите обележале промена во Косово и ја поставија опозицијата во првите редови нанесувајќи силен пораз на поранешните герилски шефови по една деценија на власт.

Франс прес пренесува дека новите лидери на Косово ќе се соочат со двоен предизвик, да не го разочараат населението, но и да одговорат на барањата на Западот, кој очекува решение за конфликтот со Србија, што е еден од главните извори на нестабилност во Европа.

Би-би-си пишува дека поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово „лечат изборните рани“ и дека гласачите во голема мерка ги сметаат тие партии одговорни за ендемична корупција и недостаток на развој. (Според агенциите)