Побарана поддршка од европарламентарците за името на винскиот регион Македонија


Здружението на најголеми извозници на вино „Вина од Македонија“ побара поддршка од европарламентарците за користењето на името на винскиот регион Македонија. Во вторникот, претставници на „Вина од Македонија“ пред Комисијата за земјоделство на Европскиот парламент во Стразбур, ги презентираа состојбите и плановите за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција во глобалната и европската економија.

„Оваа конференција беше одлична можност да се слушнат фактите за производството на вино, моменталните трендови и навиките на потрошувачите во Европската Унија. Од друга страна имавме можност да ги истакнеме потенцијалите на македонската винска индустрија. Ја искористивме посетата на Стразбур за да побараме поддршка од присутните европарламентарци околу користењето на името на винскиот регион Македонија и координација на сите поврзани правни и стручни аспекти околу ова прашање во наредниот период“, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

Пред европратениците, македонските извозници на вино предложиле иницијативата за балканска платформа за заедничка промоција на вината од регионот и развој на винскиот туризам, како активност за која очекуваат поддршка во процесот на приклучување кон ЕУ.