Побаран притвор за шестмина осомничени за најдената дрога во Арачиново

 Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, сите од Скопје, поради постоење на основано сомневање дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, а првоосомничениот и второосомничениот и за сторено едно кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничените по претходен меѓусебен договор, заедно на 4.12.2020 година неовластено заради продажба пренесувале и држеле 1948 кг наркотична дрога марихуана. Истиот ден, по полноќ, засега непознати лица ја одзеле и противправно ја присвоиле наркотичната дрога марихуана, која е сопственост на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги „ХЕРБ Индустри ДОО Струмица“. Со употреба на сила, непознатите лица го нападнале  вработениот кој бил ангажиран за обезбедувње на оштетеното правно лице лоцирано на местото викано „Горна маала“ во с.Јосифово, Општина Валандово. Го удриле, го врзале со лисици, па го затвориле во една од просториите на правното лице. Потоа од магацинот на правното лице ја одзеле и ја натовариле наркотичната дрога во приколка ладилник марка „Smitz“ на која претходно ги извадиле регистарските таблички и на истата ставиле регистарски таблички од друго возило со скопски регистарски ознаки. Потоа приколката ја предале на првоосомничениот и третоосомничениот кои ја закачиле на влекач ТМВ марка „Даф“ црвена боја, кое возило претходно било купено од осомничените со намера со него да помогнат во вршење на кривичното дело. По купопродажбата на товарното  возилото прво и второосомничениот направиле лажна јавна исправа со намера да се употребува како вистинска ставајќи  други регистарски таблички кои припаѓаат на друго возило.  Осомничените ја прикачиле приколката ладилник со наркотичната дрога и таквите лажни јавни исправи ги употребиле во јавниот и патниот сообраќај како вистинити давајќи ги на НН лице да ја управува од с.Јосифово до Скопје. Осомничените предметното возило натоварено со наркотичната дрога го прателе  со уште две товарни моторни возила. Сите осомничени заедно се упатиле во објект во Скопје, од каде  возилото кое било претходно натоварено со наркотична дрога марихуана го однеле на Кванташки пазар во Скопје од каде го однеле до с.Мојанце, општина Арачиново каде од страна на петоосомничениот дел од наркотичната дрога во количина од 231,773 кгр била одземена и истата во периодот од 4.12.2020 до 7.12.2020 година  ја држел сокриена заради продажба во пластеник пред семејната куќа во с.Мојанце.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека двајцата осомничените ќе се дадат во бегство, особено имајќи предвид дека четворица од осомничените во моментов не се достапни на органите на прогонот, како и поради тоа што за сите осомничени постои основан страв дека ќе ги уништат трагите од кривичните дела, ќе влијаат врз соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело, согласно член 165 став 1 точка 1, 2 и 3  од Законот за кривична постапка, а во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот суд Гевгелија достави предлог на сите шестмина осомничени да им се определи мерка притвор.​