По земјотресот во Индонезија се стравува од цунами, 42 загинаа


 

Во земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтер што денеска го погоди островот Сулавеси во Индонезија загинаа најмалку 42 лица, а стотина се повредени, а метеоролошката агенција на земјата предупреди дека има ризик од дополнителни потреси, кои може да предизвикаат и цунами.

Силниот земјотрес на шест километри североисточно од градот Мајен, на релативно мала длабочина од 10 км, кој се случи утрово во 1.30 часот, натера илјадници исплашени жители да ги напуштат своите домови и да побараат заштита на повисоки места.

Повредени се околу 840 лица.

Не е издадено официјално предупредување за цунами, но постои можност да следат силни потреси кои би предизвикале и цунами.

Земјотресите предизвикаа и одрони и лизгање на земјиште, оштетија мостови, како и повеќе од 60 живеалишта, два хотела и канцеларијата на покраинскиот гувернер. Нема струја во околината, јави Ројтерс.