По затворените продавници , косовската влада ќе отвори времени продажни пунктови во северно Косово


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај објави дека Владата, во соработка со бизнис-заедницата на Косово, организира отворање на привремени продажни пунктови во местата во северно Косово, каде сопствениците Срби денеска ги затворија продавниците во знак на протест поради таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Харадинај преку својата страница на Фејсбук порача дека ваквата одлука е донесена со цел да се заштитат косовските граѓани во тие општини и воедно е одговор на „сите оркестрирани дејствија од Србија“, кои, според него, имаат за цел да ја дестабилизираат државата.

– Уште еднаш денеска им дадовме институционален одговор на сите оркестрирани дејствија од Србија, одговор кој го запечатува суверенитетот на земјата, граѓанската солидарност, одговорноста и грижата на Владата на Република Косово за сите граѓани на Република Косово. Симулирањето на хуманитарната катастрофа од страна на Србија е уште еден пропаднат обид за дестабилизација. По демаскирањето на ова сценарио, најавено од порано, Владата на Косово останува решена да им пружи безбедност на сите свои граѓани, без исклучок, напиша Харадинај.

Тој вели дека целта на оваа „испланирана и координирана акција“ на Владата е да им се понудат на жителите на тие области сите основни намирници.

– Ниту еден граѓанин на Косово нема да биде жртва на специјалната војна оркестрирана од странски агенти. Косово е држава која ние ја споделуваме заедно како општество, порача Харадинај.

Во местата во северно Косово населени со мнозинско српско население денеска се затворени сите аптеки и трговските и угостителските објекти, а Здружението на стопанственици во Северно Косово најави дека тие нема да работат ниту утре, а веројатно и наредните денови.

Косовските власти и медиумите на албански јазик тврдат дека овие дејствија на локалните српски водачи, по инструкции на Белград и со логистика на криминалното подземје и на нелегалната организација „Цивилна заштита“, се со цел да се инсценира хуманитарна криза, што би требала да резултира со дестабилизација на земјата.

Харадинај минатата недела изјави дека надлежните служби имаат сознанија и докази за плановите на Белград за предизвикување вештачка хуманитарна криза и дека Владата ќе ги преземе сите потребни дејствија за на жителите во тие области да не им недостасува ниту една животна намирница.