По вторпат поразличен Велигден во Грција


Втора година по ред, Грците ќе го прослават Велигден во период на карантин, но за разлика од лани, кога црквите беа затворени за верниците, сега, присуството е дозволено, меѓутоа под правила и протоколи, а Воскресението Христово, поради рестрикциите ќе биде во 21 часот, наместо на полноќ, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што полицискиот час е од 22 часот и за денеска не се предвидени промени, Светиот синод на Грчката православна црква, одлучи да се поместат неколку часа порано свечените литургии.

Наместо точно на полноќ, вечерва, во 21 часот, ќе чукаат камбаните и поповите ќе соопштат дека „Христос Воскресе“.

Црквите и соборните храмови работат под специјални здравствени протоколи, дозволено е едно лице на 25 метри квадратни во внатрешноста и едно лице на 10 метри квадратни во надворешните делови.

За верниците е задолжителна употребата на две зашитни маски, додека пак за поповите, свештените лица и останатиот црковен персонал, задолжителен е селф тест, односно брз тест за домашна употреба.

Традицијата „Велигден на село“, нешто што е карактеристично во Грција, односно граѓаните да ги посетуваат нивните села или викендички и таму, во поширокиот круг на семејството, в недела да печат јагне на жар, и оваа година им е скратено на Грците, со оглед на тоа што сè уште е во сила забраната за движење меѓу региони, односно патување меѓу градови.

Па така, исто како и лани, не можат да го напуштат местото на постојано живеење и ќе мора да се адаптираат на правилата и препораките.

За утрешниот велигденски ручек, во домовите дозволен е собир на најмногу две семејства до девет лица, а доколку е во надворешен простор дозволени се 12 лица.

Секако, задолжително е и да се испрати СМС порака, нешто што веќе речиси шест месеци е секојдневие за Грците.

Инаку, Светиот оган попладнево од Ерусалим ќе пристигне во Атина.

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција Константинос Власис, кој е надлежен за црковни и религиозни прашања, утрово, со владиниот авион замина за Израел, каде што во Ерусалим ќе присуствува на церемонијата на палењето на Светиот оган, а потоа и ќе го пренесе во Грција.

Според грчкото МНР, планирано е попладнево, Светиот оган да пристигне на атинскиот аеродром, а оттаму да биде пренесен во цела Грција, како што традиционално се прави секоја година.