По убиството на тинејџерка, во Романија пронајдени останки на друга жртва

Романското државно обвинителство соопшти дека пронашло посмртни останки кои би можеле да припаѓаат на друго девојче, кое било киднапирано и убиено од осомничениот, кој пред 10 дена беше уапсен поради убиство на 15-годишната Александра Мачесану.

Осомничениот за убиството на две тинејџерки во Романија, Георге Динка ги призна злосторствата. Динча (65) првично одбиваше да одговора на какви било прашања, но на крајот ги призна убиствата на Александра, која исчезна во јули и на 19-годишната Луиза, исчезната од април.

Динча тврди дека останките припаѓаат на Луиза Меленчу, изјави портпаролката на романскиот Директорат за истражување организиран криминал Михаела Пориме. Претставниците на Директоратот тврдат дека освен тие две девојки, нема други жртви.

Шефот на романската полиција Јоан Буда беше сменет по обвинувањата дека полицијата пребавно реагирала на телефонските повици на Мачесану дека била грабната. Откако била киднапирана, девојката успеала трипати да го повика бројот за итни случаи 112 и да ѝ даде информации на полицијата за местото каде што ја држел возачот на автомобилот кој ја грабнал, откако таа стопирала со цел да се врати во Доброславени во јужна Романија.