По Тевдовски, и Бранимир Јовановиќ замина од Македонија


Бранимир Јовановиќ, кој беше дел од тимот на министерот за финансии Драган Тевдовски и економски истражувач и професор по економија на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, од 1 октомври годинава е на ново работно место – сега како професор економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Неодамна, според информациите што ги објави „Независен“, и Тевдовски замина на нова работа, во САД.

„Од 1 октомври сум вработен со полно работно време во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ќе работам како економист кој ќе го покрива Балканот, пред сѐ Македонија и Србија, но по потреба и други земји. Се разбира, ќе работам и на други истражувања што ги работи институтот кој е еден од водечките економски институти во светот за регионот на Источна Европа. Значи, не само Балканот, туку и земјите од Вишеградската група, потоа државите од некогашниот Источен блок, како Русија, Белорусија, Украина, Романија, Бугарија, но и Турција…,  практично цела источна Европа“, рече Јовановиќ за емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77.

Јовановиќ додаде дека Виенскиот институт прави повеќе истражувања и редовни годишни проекции и извештаи за регионот. Тој најави дека во наредните недели институтот ќе излезе со новите проекции за економскиот раст и за состојбата во овој дел од светот.

„Нема да објавувам детали затоа што резултатите се уште не се готови, но некој генерален тренд кој би можел да го кажам е дека начелно се гледа мало подобрување на економската состојба особено во однос на она што се очекуваше во април и мај. Може да се каже дека има мал умерен оптимизам“, рече Јовановиќ.

Инаку, во Виенскиот институт беше вработен и Владимир Глигоров, чии анализи имаат силен белег врз домашната јавност. Како што информира Јовановиќ, Глигоров сега е во пензија, но и покрај тоа останува активен со своите коментари и сугестии меѓу истражувачите од Институтот.

На забелешката на водителот на оваа популарна радио-емисија, Столе Наумов, дека излегува дека тој и Тевдовски не биле добри за Македонија, но се добри за Вашингтон, односно за Виена, Јовановиќ одговори дека за тоа треба да се прашаат луѓето тука.

„Но, било што било, треба да гледаме напред. Се разбира дека ако изминатите две-три години работите се одвиваа онака како што требаше, јас се уште ќе бев во Македонија, а веројатно и Тевдовски. Но, не може да го вратиме времето, мора да гледаме напред. Јас се фокусирам на мојата нова работа. Не мислам дека целосно се тргам од Македонија, мислам дека од оваа позиција тука можам да бидам корисен и не го сфаќам ова фаталистички дека сум разочаран од случувањата во Македонија, па кревам раце и се тргам на страна. Не, ова јас го гледам чисто професионално, одам на подобра позиција од која ќе се потрудам да дадам придонес за општествениот развој и во државата од која доаѓам“, рече Јовановиќ.

Инаку, Јовановиќ во тимот на Тевдовски беше посебен советник за макроекономска политика, а се повлече на почетокот на мај минатата година и практично беше предвесник на реконструкцијата на Владата која беше подоцна напраавена со која на местото на Тевдовски за министер за финансии беше именувана Нина Ангеловска. (Н.В.)