По сторијата на ИРЛ за болницата „Жан Митрев“ обвинителството оформило предмет


 

Сторијата која ИРЛ синоќа ја емитуваше на МТВ – дека болницата „Жан Митрев“ наводно вршела хемофилтрација за потребите на клиничка студија на пациенти во време на најсилните бранови на пандемијата со Ковид-19, а без да го пријави тоа – го поттикна јавното обвинителство да оформи предмет.

„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, изјавија од обвинителството за медиумот „360 степени“.

Според она што беше објавено во емисијата таа клиничка студија не била одобрена од МАЛМЕД, а на пациентите за хемофилтрацијата им биле наплатувани илјадници евра. Во сторијата беше наведено дека научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата.

Од болницата „Жан Митрев“ денеска испратија соопштение до јавноста во кое наведуваат дека се „згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нашата институција“, дека информациите се невистинити, дека информациите се „вознемирувачки за нашите пациенти и целиот наш тим“, дека тие се фабрикувани и дека ќе ги искористат сите правни можности да спречат следни „вакви и слични напади врз нашата институција“.