По „спектакуларната“ акција јасно е само едно – дека е најден еден килограм кокаин


По денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, околу „спектакуларната акција“ за заплена на кокаин само една работа е јасна – дека биле најден само еден килограм од таа дрога – а сите други останаа останаа во сферата на претпоставки. Околу тврдењата дека наводно се работело за 1,3 тони кокаин, кој преку Италија требало да се префрли во регионот, Чулев повеќе заобиколуваше отколку што сакаше да даде попрецизни изјави. Тој дури и не знаше дали во таа меѓународна акција се работело навистина за 1,3 тони.

„Не знам за колкаво количество се работи, фатен е само еден килограм. Останатото количество е во друга држава. Со ова нема да биде нарушена истрагата на партнерските држави. Ова е максимум што можам да ви кажам. Истрагата е чувствителна“, рече Чулев.

Она што, исто така, е јасно од пресот на Чулев е дека четворица поврзани со пратката на банани од Колумбија се во полициска станица и се чека одлуката дали за нив ќе има притвор. Еден од нив е Црногорец. Познато е идека фирмата „Банекс“ во чие комбе е најдена дрогата подолго време увезувала банани од Колумбија и Еквадор. Полицијата води истрага против сопственикот на фирмата, неговиот син, возачот на камионот и еден вработен кој работел на истовар.

Министерот Чулев  изјави и дека целата дрога, наводно, требало да заврши во Македонија. За нелегалниот пазар на дрога во државава тоа е огромно количество, не само поради тоа што на уличниот пазар би чинело околу 300 милиони евра. Бројот на наркозависниците во Македонија е навистина голем, но прашање е дали целата таа дрога (која е најскапа) би можела да се продаде овде.

Наќе Чулев побара трепение од неколку дена кога, според него, ќе се знаело многу повеќе околу овој шверц – точното количество што било наменето за државава, како бил организиран каналот и каде поминувал и кој сѐ бил вклучен во него. (Н.В.)